20.08.2019

Kамп за одржливост

Фондацијата Фридрих Еберт, канцеларија Скопје заедно со Еко Логик, организација која е посветена на заштита и зачувување на животната средина, по втор пат го организираа Кампот за одржливост.

Кампот траеше од 5-ти до 8-ми август на Пониква каде што млади луѓе од целата земја имаа можност заеднички да дискутираат и креираат решенија за локална акција насочена кон Целите на одржлив развој од Агендата на ОН 2030 година.

За време на кампот, учесниците имаа можност да бидат дел од различни активности, интерактивни алатки и методи, еко игри што им овозможија да развијат динамична дискусија за зголемените и идни предизвици со кои се соочува светот, но и можностите за кои амбициозните, но и суштински Цели на одржлив развој ги нудат. Со идентификување на предизвиците кои произлегуваат од непосредното опкружување и секојдневниот живот, учесниците дадоа значајни препораки, стратегии и нацрт-планови за нивно решавање преку истовремено спроведување и следење на Целите на одржливиот развој.

Агендата на кампот беше збогатена со две посети, од кои првата во Туристичкиот инфо центар „Пониква“, каде учесниците заедно со претставници на Општина Кочани дискутираа за биолошката разновидност на Осоговските Планини, природниот приход и потенцијалот за еко-туризам и рурален развој, како и можности за планински спортови кои ќе го одржат центарот жив, исовремено обезбедувајќи силна заштита на природата. Втората посета беше Едукативниот центар „Негрево“ каде учесниците открија многу интересни факти за ретките видови животни и нивните домови. Како заштитата на природата е поврзана со одржувањето на животот на земјата не е нова работа, но дефинитивно оваа посета им овозможи на учесниците да размислуваат на различни теми и идеи за обликување на нивните секојдневни активности во насока на остварување позитивен импакт.

По кампот, се очекува учесниците да ги претстават своите идеи, препораки и конкретни планови за одржливи училишта, населби и градови пред пошироката публика во која ќе бидат вклучени претставници на училишта, општини, граѓански организации со цел да се подигне свеста за значењето на Целите на одржлив развој, како и потврдување на улогата која младите може да ја имаат во остварување на позитивни промени во општетството. 

Фондација Фридрих Еберт Скопје

Бул. 8-ми септември 2/2-5
(Зградата на Гранд Плаза), 
1000 Скопје, 
Северна Македонија

+389 2 3093-181 / -182
contact(at)fes-skopje.org