24.05.2022

Студиска посета во Р. Хрватска на тема „Одржливо буџетирање на локално ниво преку иновативни социо-еколошки политики“, 7-11 мај

Социо-еколошките политики и иновативни концепти за управување со отпад, производство на електрична енергија и храна на одржлив начин, транспорт со нула емисии, дигитализација на јавните услуги нудат лепеза на можности за развој на локално ниво. Освен новите вработувања, можностите за дополнителен приход на комуналните претпријатија, овие политики гарантираат пристоен и квалитетен животен стандард за сите, чиста животна средина и јавно здравје, а истовремено нудат можности за оптимален економски развој и негување на претпримачкиот дух кај младите.

Со цел поблиску да се запознаеме со европските практики на социо-еколошки локални политики, како и да размениме идеи и искуства во регионот, во периодот од 7 до 11 мај, Фондацијата „Фридрих Еберт“ организираше студиската посета во Р. Хрватска на тема „Одржливо буџетирање на локално ниво преку иновативни социо-еколошки политики“. На оваа посета свое учество и придонес дадоа градоначалници и градоначалнички, како и други носители на одлуки на локално ниво од нашата земја, а притоа имаа можност да иницираат и отпочнат долгорочна соработка со голем број хрватски општини за исполнување на целите за одржлив развој.

Студиската посета започна со споделување на позитивните искуства на островот Крк кој во изминатите неколку години стана пионер во одржлив развој преку искористување на обновливите извори на енергија, минимизирање на отпадот и негово соодветно третирање, зачувување на јавните и зелени површини, и негување на одржлив туризам од мал обем. Дводневата посета на Крк заврши со размена на искуства на градначалниците од двете земји како агенти за позитивни промени на локално ниво и носители на иницијативите за одржлив развој во чиј фокус се граѓаните.

Како прв град во регионот кој успеа да се најде на картата на паметни европски градови, Риека е шампион во искористување на придобивките од новите технологии и дигитализацијата. Градоначалникот Марко Филипович кој срдечно нè пречека, ги сподели своите искуства како и сугестии за искористување на достапните европски фондови за реобликување на градот во паметен, и тоа на начин кој ги задоволува потребите на граѓаните, бизнисите, истражувачите и инвеститорите, а не ги изостави и малите иновативни примери како проектот „Риперај“ на комуналното претпријатие „Чисточа“, чија цел е да им овозможи на граѓаните едукација и можност за поправка и продолжување на векот на разноразни предмети.

Осоебено интересни беа искуствата и од општините Копривница и Крижевци каде се запознавме со низа социо-еколошки политики и иновативни проекти, помеѓу кои и првата енергетска задруга, хабот за претприемништво, урбаната градина, компостарата, пасивните социјални згради и многу други одржливи пракси чие значење е круцијално за исполнување на заеднучките заложби за одржлива иднина и јаглерод-неутрален континент.

И за крај, имавме директен увид во резултатите од политиките за заштита на природата преку посета на Националниот парк „Плитвички езера“ каде претставниците нè запознаа со еколошките, социјални и финансиски придобивки кои општините ги уживаат благодарение на ваквите заложби кои бараат доста работа и посветеност, но ветуваат многу повеќе отколку познатите пракси на едонкратно искористување на ресурсите.

Градовите и заедниците кои се развиваат во хармонија со природата можат да ги интегрираат сите потенцијали за економски развој, да ја поттикнуваат комуникацијата и социјалната кохезија, како и да обезбедат соодветно вклучување на сите маргинализирани групи. Ова е само еден од заклучоците на студиската посета преку која се овозможи размена на искуства и зајканата соработка на прогресивни носители на одлуки на локално ниво, чија моќе огромна во поглед на социо-еколошката трансформација која ни претстои.

Friedrich-Ebert-Stiftung 
Skopje

Adresa: 8-mi Septemvri 2/2-5
(TCC Grand Plaza),
Shkup 1000,
Maqedonia e Veriut

+389 2 3093-181 / -182
contact(at)fes-skopje.org