05.05.2020

Митови и факти за влијанието на коронавирусот врз животната средина

Неочекуваното ширење на новиот коронавирус наиде на неподготвеност кај многу влади ширум светот, со што наметна употреба на средновековни мерки за справување и ублажување на последиците од пандемијата, кои пак несомнено го променија начинот на живеење на секој од нас. Само неколку месеци наназад, никој не би помислил дека државните граници може да се затворат преку ноќ, па дури и во Европската Унија. А денес, полицискиот час станува нормален дел од нашето секојдневие. Опаднатата економска активност и намалената трговија, се само дел од последниците кои оваа, првично здравствена криза, ги пренесе и врз економијата.

Но, што се случува со влијанието на коронавирусот врз животната средина? Деновиве честопати се среќаваме со статии на познати медиуми дома и во светот, кои го  третираат токму ова прашање. Но, дали ни ја пренесуваат вистинската слика? Додека многу експерти се загрижени дека и така оскудниот буџет за заштита на животната средина, а особено справување со климатските промени, дополнително ќе се намали поради новите приоритети како здравствениот систем и економијата кои доживеаа најсилен удар, други пак го гледаат коронавирусот како идеална можност за зелена трансформација на нашето општество.

Овие и многу други прашања беа во фокусот на средбата за животна средина на тема “Митови и факти за влијанието на коронавирусот врз животната средина” во организација на Фондацијата “Фридрих Еберт” и Еко-свест, Центарот за истражување и информирање за животна средина. Во рамки на своето излагање, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули нагласи дека во новата „нормалност” мора да влеземе со повеќе солидарност, каде што секој ден ќе биде Ден на планетата Земја, нагласувајќи ја потребата од македонска верзија на Европскиот зелен договор, со кој ќе се стави акцент на климатската акција, енергетската транзиција, биодиверзитетот, циркуларната економија, Планот за чист воздух, зазеленување на државниот буџет и дигитализацијата. Пост-пандемиското опоравување може да биде зелено, само ако секој од нас придонесе кон тоа: петок - работа од дома; среда – ден без автомобили; итн.

Франциска Вехингер, раководител на регионалниот проект за клима и енергетика на Фондацијата “Фридрих Еберт” во Среден Исток и Северна Африка, во својата презентација ги разјасни небулозите околу коронависусот и животната средина. Какво влијание имаше и сеуште има КОВИД-19 врз животната средина на краток, среден и долг рок, беше дел од нејзиното излагање, во рамки на кое Вехингер стави силен акцент на мерки за опоравување од настанатата криза кои може да придонесат за помамбициозна климатска политика и праведна енергетска транзиција.

Целта на овие редовни средби е да овозможат структуирана дискусија помеѓу претставниците на институциите, граѓанските организации, синдикатите, како и домашни и меѓународни експерти на темата, со цел увид во состојбата и креирање на препораки кои понатаму ќе бидат искористени во креирањето на јавни политки, односно ќе ги претставуваат ставовите на прогресивните субјекти кои активно работат на промовирање на економски и општествен развој во согласност со, а не по цена на животната средина.

Friedrich-Ebert-Stiftung
Skopje

Boul. 8-mi Septemvri 2/2-5
(TCC Grand Plaza),
Skopje 1000,
North Macedonia

+389 2 3093-181 / -182
contact(at)fes-skopje.org