03.12.2025

Промоција на анализата „Трошоци за одгледување деца во Северна Македонија: реалност, предизвици и препораки“

На 2 декември беше промовирана анализата „Трошоци за одгледување деца во Северна Македонија: реалност, предизвици и препораки“, изработена од Центарот за еднаквост и правда, а објавена од Фондацијата Фридрих Еберт.
Настанот го отворија Ваљон Садики, програмски менаџер во Фондацијата Фридрих Еберт, и Неда Чаловска Димовска, претседателка на Центарот за еднаквост и правда, кои истакнаа дека прашањето за економската сигурност на семејствата со деца е клучно за социјалната правда, намалувањето на детската сиромаштија и градењето одржливи јавни политики засновани на докази.
Во рамки на настанот, проф. д-р Катерина Шапкова Коцевска, главна истражувачка, и Елена Димушевска, истражувачка, ги презентираа клучните наоди и препораки од анализата. Беше нагласено дека во Северна Македонија сè уште не постои национална проценка на трошоците за одгледување дете, ниту систематизирана база на податоци за реалните расходи на домаќинствата, што значително ја ограничува можноста за креирање ефективни и правични политики.
Анализата покажува дека, иако правната рамка предвидува повеќе форми на парична поддршка за семејствата, износите на додатоците се ниски, административно утврдени и неповрзани со реалните трошоци за растење дете. Дополнително, пристапот до правата е ограничен претежно на домаќинства со многу низок приход, додека семејствата со умерени, но недоволни приходи често остануваат без соодветна поддршка.
Особено беше потенциран јазот меѓу законските одредби и секојдневната реалност на семејствата, вклучително и скриените трошоци поврзани со образованието и предучилишната грижа, недостигот на јавни градинки и ограничениот пристап до услуги за деца со попреченост. Овие состојби имаат и родова димензија, бидејќи жените и понатаму ја носат најголемата тежина на грижата за децата, што влијае врз нивната економска активност и позиција на пазарот на труд.
Настанот беше заокружен со заклучни согледувања од Неда Чаловска Димовска, која истакна дека анализата претставува основа за отворање широка јавна дебата и за креирање политики што ќе обезбедат достоинствени услови за раст и развој на секое дете во Северна Македонија.
 

Анализата може да ја преземете тука.
 

Friedrich-Ebert-Stiftung
Skopje

Boul. 8-mi Septemvri 2/2-5
(TCC Grand Plaza),
Skopje 1000,
North Macedonia

+389 2 3093-181 / -182
skopje(at)fes.de