05.03.2024

„Реформа на социјалната заштита во Северна Македонија од 2019 година: ефекти и одржливост“

На 04.03.2024 година се одржа јавна презентација на анализата „Реформа на социјалната заштита во Северна Македонија од 2019 година: ефекти и одржливост“ во организација на Фондацијата Фридрих Еберт - канцеларија Скопје и Асоцијација за инклузивен и одржлив развој (СИГА).

Целта на Анализата беше да се направи увид во елементите на реформата и да се оцени нејзината имплементација во пракса, со цел да се оцени директното влијание кое реформата го имаше врз целните корисници, како и долгорочните ефекти и одржливоста на реформата. Авторите кои работеа на оваа анализа се д-р. Пол Стабс и проф. д-р. Ванчо Узунов.

Д-р Пол Стабс потенцираше дека социјалната реформа е една храбра реформа што направи позитивен исчекор за четири години со воведувањето на гарантираната минимална помош, каде што растот е над 40% на бројот на домаќинства.

„Се постигна целта да се зголеми опфатот. Има многу повеќе луѓе кои ги користат придобивките на Гарантирана минимална помош отколку во претходниот систем на социјална парична помош“, рече д-р Стабс цитирајќи ја анализата.

Во голема мера е постигната и целта за постигнување на поголема ефикасност. Просечниот износ на трансфери за социјална помош се зголемил повеќе од дупло, од околу 3.000 денари пред реформата, на преку 7.000 денари по корисник по реформата.

Проф. д-р Ванчо Узунов истакна дека социјалната помош е исто толку важна, подеднакво и за богатите и за сиромашните граѓани, и тоа треба сите да го разбереме.

„Зголемен е бројот на луѓе кои се корисници, зголемена е и сумата на пари, помошта којашто ја добиваат. Подобрен е начинот како се дистрибуира целата таа помош, има многу позитивни ефекти. Во држава во 21 век ова треба да биде незапирлива задача. Имаме еден добар пример како после една добра реформа прави реална евалуација од тоа што е постигнато за да се види што понатаму. Ова беше една многу добра реформа на системот на социјална заштита од 2019 година. Потоа, се судри со проблемите на инфлацијата и претходно ковид пандемијата, што покажа дека реформата била флексибилна да ги ублажи последиците“, посочи Узунов.

Friedrich-Ebert-Stiftung
Skopje

Boul. 8-mi Septemvri 2/2-5
(TCC Grand Plaza),
Skopje 1000,
North Macedonia

+389 2 3093-181 / -182
contact(at)fes-skopje.org