26.03.2019

Прва средба на работната група за животна средина

На 20ти Март, 2019 во Скопје се одржа првата средба на работната група за животна средина, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје, а во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Притоа, во фокусот на оваа прва работна средба беа ЕУ директивите за квалитет на воздух и нивното имплементирање во нашата земја, како едно потсетување до сите чинители дека воздухот го дишеме 365 дена во годината, а не само во текот на зимскиот период кога темата на аерозагадување е најактуелна.

На средбата учествуваше и заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули кој се осврна на поврзаноста на активностите од Планот за чист воздух со ЕУ директивите. “Загадувањето е проблем што ги мачи скоро сите држави во Европа и во светот, и настаните и конференциите од овој тип овозможуваат да се тестираат и надградуваат директивите, задачите и законите кои ја покриваат оваа област.” - истакна Макрадули нагласувајќи дека без разлика за која држава во светот станува збор, активностите за намалување на загадувањето на воздухот, се исти: стимулирање на енергетска ефикасност, поврзување на централното греење, почисти индустрии, стимулирање на почист јавен транспорт, замена на стари печки со нови. Според него, Планот за чист воздух кој е усогласен со најдобрите решенија осмислени и веќе имплементирани во другите држави е најдобар пример за доследно спроведување на ЕУ директивите.

Целта на работната група е да одржува редовни средби помеѓу претставници на институциите на централно и локално ниво, граѓанските организации, синдикати, академски претставници и претставници на меѓународни организации кои во својата работа се фокусираат на теми од областа на животната средина, за да овозможи платформа за добра комуникација и соработка меѓу истите, како и креирање на план за заедничко делување. Крајна цел е да се идентификуваат чекорите до “Повелбата за животна средина” која ќе ја дефинира улогата, но и одговорноста на сите засегнати страни во остварување на одржлив развој со минимум импакт врз животната средина.

 

Friedrich-Ebert-Stiftung 
Skopje

Adresa: 8-mi Septemvri 2/2-5
(TCC Grand Plaza),
Shkup 1000,
Maqedonia e Veriut

+389 2 3093-181 / -182
contact(at)fes-skopje.org