05.03.2021

ЈАВЕН ПОВИК за ангажирање на 2 (два) експерти од областа на безбедност и здравје при работа (БЗР)

Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија во Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика, обезбедува експертска поддршка за процесот на подготовка на среднорочна национална стратегија и акциски план за безбедност и здравје при работа за периодот од 2021 до 2025 година.

За таа цел, Фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија во Скопје објавува:

 

 

Јавен повик

за ангажирање на 2 (два) експерти од областа на безбедност и здравје при работа (БЗР), за координација на процесот и подготовка на нацрт текст на Национална стратегија за безбедност и здравје при работа 2021-2025 и Акциски план за имплементација на Стратегијата за периодот 2021-2023

 

Стратегијата за безбедност и здравје при работа 2020, заедно со Акцискиот план (АП) за нејзина имплементација (за периодот 2017-2020 год) се усвоени од Владата на Република Северна Македонија во август 2017 година.  Стратегијата и АП се надоврзуваат на претходните стратешки документи во областа, а при подготовката се обрна внимание и на нивна поврзаност и усогласеност и со Агендата 2030 и Целите за одржлив развој (SDGs) на Обединетите нации.

За обезбедување на континуитет во стратешкиот пристап во однос на развојот на националниот систем на безбедност и здравје при работа, како и негово прилагодување кон актуелните социо-економски трендови во државата и усогласување со европските и меѓународните стандарди и норми во областа, во 2021 година ќе се подготви нова национална стратегија за периодот до 2025 година и акциски план за нејзина имплементација.  Стратегијата и АП ќе се подготват во рамки на широк консултативен процес со учество на Советот за БЗР и сите релевантни чинители во областа.

 

1. Опис на работните задачи на експертите

 

 Експертите за оваа задача ќе треба:

 

-          Детално да се запознаат и да направат проценка на реализацијата на приоритетите, целите и активностите предвидени во Стратегијата и АП 2020, врз основа на подготвените информации и извештаи, како и консултации со релевантните субјекти во областа;

-          Да го иницираат и да го координираат процесот на консултации со сите засегнати страни и обезбедување на нивните придонеси за стратегијата и акцискиот план, нивно анализирање и систематизирање;  

-          Да ја прегледаат и земат во предвид Стратешката рамка на ЕУ за безбедност и здравје при работа 2021-2027 (EU Strategic Framework on Health and Safety at Work 2021-2027) која е во фаза на подготовка и истата да биде соодветно рефлектирана и во рамки на националната стратегија и АП за БЗР;

-          Врз основа на горенаведеното, како и анализата на состојбите, потребите и приоритетите на национално ниво и нивната експертиза/искуство, да го подготват нацрт текстот на новата национална Стратегија за БЗР 2025 и Акциски план за нејзина имплементација 2021-2023; 

-          Да земат учество во консултативен настан (дебата) со засегнатите страни, за презентирање и дискусија по однос на подготвениот нацрт текст на стратегијата и АП.

За време на нивната работа, експертите ќе комуницираат со Министерството за труд и социјална политика (МТСП) / Сектор за политики од областа на трудово право и политики за вработување, кои ќе го следат процесот. По потреба, во текот на процесот ќе се обезбедат и консултации и дополнителни активности преку Советот за безбедност и здравје при работа и/или поедини негови членови.

Нацрт текстот на Стратегијата и Акцискиот план за безбедност и здравје при работа се очекува експертите да го достават до Министерството за труд и социјална политика најдоцна до крајот на мај 2021 година. 

 

2. Потребни квалификации

 

-          Универзитетска диплома од областа на техничките науки или медицината;

-          Минимум 10 (десет) години релевантно искуство во областа на безбедност при работа и/или медицината на трудот;

-          Одлично познавање и разбирање на состојбите, слабостите, потребите, предизвиците и приоритетите во Република Северна Македонија во областа на безбедност и здравје при работа;

-          Солидно познавање на меѓународните (МОТ, СЗО, ЕУ) политики, трендови, приоритети и стратешки пристап во делот на безбедност и здравјето при работа;

-          Претходно да има учествувано во оценки, дискусии, анализи и сл. поврзани со креирање и/или имплементација на политики и стратешки документи во делот на БЗР во Република Северна Македонија;

-          Способност и подготвеност за тимска работа и координација на учеството на повеќе различни засегнати страни.

 

3. Начин на пријавување

 

Заинтересираните лица кои ги исполнуваат потребните квалификации, треба да испратат CV и писмо за интерес (каде ќе се образложат бараните квалификации)на македонски јазик на следната е-маил адреса: valon.sadiki@fes-skopje.org, најдоцна до 14.03.2021 (недела).

 

За прашања во врска со Јавниот повик, ве молиме обратете се преку е-маил адресата: valon.sadiki@fes-skopje.org.  

 

Фондација Фридрих Еберт Скопје

Бул. 8-ми септември 2/2-5
(Зградата на Гранд Плаза), 
1000 Скопје, 
Северна Македонија

+389 2 3093-181 / -182
contact(at)fes-skopje.org