10.06.2024

Четврт Социо-еколошки форум 2024: Граѓаните мора да бидат вклучени во секоја локална или национална енергетска стратегија, локалните заедници и граѓанските организации играат клучна улога во енергетската трансформација

Четвртиот Социо-еколошки форум и оваа година на едно место ги собра прогресивните лидери, носители на одлуки, експерти од областа на енергетиката, медиумски претставници, активисти, граѓански организации и младински лидери да дискутираат за енергетските политики на земјите од Западен Балкан и Европската Унија.

Овој форум којшто традиционално по четврти пат се одржува во Скопје овозможи стручна дебата, но и дискусија за потребите и можностите за социјално-праведна енергетска транзиција. Предизвиците во поглед на животната средина, зелената агенда, промовирањето на социјалната кохезија преку инвестиции во вработување, квалитетни и инклузивно образование и висококвалитетни услуги за социјална инклузија и заштита, беа високо на агендата на СЕФ.

На првиот панел насловен „Како да се обезбеди социјално праведна енергетска трансформација во ера на растечка сиромаштија и нееднаквости?“ учество зедоа претседателот на Регулаторна комисија за енегетика, Марко Бислимовски, претставничката од Интернационалната унија на станари, Барбара Стинберген, како и градоначалникот на Тузла, Босна и Херцеговина, Зијад Лугавич.

Главните пораки кои беа испратени од оваа панел дискусија е дека граѓаните мора да бидат вклучени во секоја локална или национална енергетска стратегија и исто така мора да имаат право на избор како сакаат да живеат. На форумот, јавноста беше информирана дека во последните две ипол години во Северна Македонија се случува Елдрорадо на инвестиции, што практично е силен замаец во процесот на енергетската транзиција со изградени нови електрани од обновливи извори со вкупен инсталиран капацитет од 700 MW. Со овие инвестиции, се придонесе кон раст од 25-30% на инсталираниот капацитет воопшто кој досега го имала државата со што е зајакната енергетската независност.

На панел дискусијата насловена „Граѓанските организации како посредници во општествено праведна енергетска трансформација“ говореа градоначалникот на Крижевци, Марио Рајн, проект менаџерот во Енергетска задруга Зез Сонце од Загреб, Хрватска, Јосип Бебер, директорот на првото општинско соларно претпријатие „Енергија Центар“ и ко-основачката на Здружението за зелено општество „Гринер“, Билјана Дуковска.

Панелистите потенцираа дека енергетските задруги играат голема улога за надминување на енергетската сиромаштија, заштеда на енергија и инвестирање во нови извори на енергија. Исто така, беше посочено дека граѓанските организации можат да одиграат клучна улога во енергетската трансформација и да им помогнат на општините да го решат институционалниот јаз, со што ќе обезбедат учество на граѓаните и енергетска демократизација.

На третиот панел „Реупотреби, намали, поправи (пред да рециклираш) за социјално праведна климатска акција“ зборуваа координаторката на Риперај од Ријека, Хрватска, Данијела Матејчиќ Милетиќ, основачката на работилницата за репарација и поправка на стари и расипани предмети „Прогрес“, Ема Нешковска, како и сопственичката на Алфа Солар Енерџи од Косово, Гентијана Алија. Милетиќ, Нешковска и Алија потенцираа дека постојат работилници во кои граѓаните можат бесплатно да поправаат стари апарати, скршени и оштетени парчиња мебел, облека, играчки, а поретко да ги фрлаат во ѓубре, со што се влијае кон намалување на нивото на отпад и заштита на животната средина.

Во рамки на форумот, се одржаа три работилници кадешто учесниците беа поделени во три групи и заедно тимот од невладината организација „Еко Лоџик“ низ игра се едуцираа за социо-еколошка трансформација.

Фондација Фридрих Еберт Скопје

Бул. 8-ми септември 2/2-5
(Зградата на Гранд Плаза), 
1000 Скопје, 
Северна Македонија

+389 2 3093-181 / -182
contact(at)fes-skopje.org