27.06.2018

Транспарентност, дигитализација и ефикасност на јавните служби – лекции од Хамбург

Високите претставници на централната и локалната власт од Македонија се состанаа со нивни колеги од Хамбург, Германија со цел да се дискутираат и споделат идеи и искуства за иновативни проекти по однос на е-мобилност, дигитализација, одржливост и ефикасност на јавната администрација.

Во периодот помеѓу 14 и 16 јуни, Канцеларијата на фондацијата Фридрих Еберт од Скопје организираше посета на делегација од Македонија на градот Хамбург (кој е исто така и сојузна држава во Германија). Претставувана од Драган Тевдовски, Министер за Финансии; Едмонд Адеми, Министер за дијаспора; Борис Георгиевски, Градоначалник на Општина Гази Баба; Енвер Малиќи, Заменик Градоначалник на Скопје; Николчо Илиев, Градоначалник на општина Кочани, како и од други официјални претставници на владата, делегацијата ја искористи можноста да се состане со официјални претставници на Сенатот, Градот и Собранието на Хамбург, Кнут Флекенштајн (член на Европскиот парламент) како и со членови на Македонската дијаспора во Хамбург.

Состаноците со претставниците на градот/државата Хамбург обезбедија платформа за важни идни иницијативи за соработка во полето на е-мобилност и иновации, кои може да бидат суштинска поддршка за Градот Скопје во неговите напори да се приклучи кон европската мрежа на паметни градови. Беше направена размена на опсежни искуства и информации на теми како што се реформирање и дигитализција на јавните услуги преку презентацијата на Фалко Дросман, Секторски градоначалник на Хамбург (градот). За земја како Македонија, која се обидува да го намали загадувањето и да стане поефикасна во поглед на јавните расходи, вакви иницијативи се од суштинско значење за идниот развој – теми на кои дискутираше и Сенаторот за финансии, Д-р. Андреас Дресел.

Во текот на дискусијата со претставниците на дијаспората, се нагласи нивната улога во меѓународната економска соработка на земјата, посебно на билатерално ниво. Можноста за вклучување на членовите на дијаспората во заеднички владини проекти може да понуди драгоцени можности за развојните политики на национално и локално ниво.

Делегацијата имаше можност да ги дискутира германските најдобри практики во стручното образование и преквалификација како фактор за економски развој со Патрик Мартенс, Извршен директор на делегацијата на германското стопанство во Македонија (AХK).

Фондација Фридрих Еберт Скопје

Бул. 8-ми септември 2/2-5
(Зградата на Гранд Плаза), 
1000 Скопје, 
Северна Македонија

+389 2 3093-181 / -182
contact(at)fes-skopje.org