Saturday, 25.11.2017

ВКЛУЧИ СЕ #СоСрцеЗаСекојаЕдна

Жени хероини од секојдневието: Модна ревија која беше поразлична од сите досега одржани во Македонија – на која манекенки/модели беа жени-хероини од нашето секојдневие кои испраќаа пораки до целата јавност.

Мерсиха Смаиловиќ - правник / активист со нејзината препознатлива шамија - хиџаб, Луљета Адеми, преведувач, која секогаш се потпира на својата „патерица“, Билјана „Штипјанка“ и во осми месец од бременоста, Михаела Иванова, најмладата советничка во Советот на град Скопје, баба Веска - поранешна негувателка која сé уште е во контакт со децата од нејзиниот работен живот, Нита, ќерка на просветен работник која е активна во полето на образование за младите, Виолета Петковска - воспитувач во градинка и мајка на четири деца, Гага - економист и многу срамежлива личност, Дороти Пачкова - самохрана мајка и уметник, Билјана Трембелиева - стоматолог со желба нејзините двајца синови да станат феминисти, Ана Зафирова - новинар и волонтер за Специјалната олимпијада Македонија, Ивана Вучкова - ќерка на текстилен работник од Кочани, Билјана Настовска - самохрана мајка и феминист, Maja Илиоска - ексклузивен модел за брендот АлШар и љубител на чоколади, Снежана Сани Богдановска - моден новинар и консултант за имиџ и Сара Миленковска - политиколог и феминист, и сите тие прошетаа по пистата и ги пренесоа нивните пораки, покажувајќи ги нивните „мерки“. 


Под нивните „мерки“ не мислиме на физичките мерки, туку тоа се мерки за намалување на родовата нееднаквост кои беа презентирани преку видео реклами на големото платно во Кино Култура. Преку презентери како Ленче Ристовска (СЈО), Маргарита Иванова (ЗОНТА), Ана Василева (Бори се женски), Уранија Пировска (Македонски Хелсиншки комитет за човекови права) и Луиза Винтон (Висок Претставник на ОН/УНДП) тие споделија пораки за единство, борба за родова еднаквост и искоренување на родово-засновано домашно насилство во Македонија.

Фондацијата Фридрих Еберт од Скопје испрати порака дека ваквата субверзивна пренамена на настан кој вообичаено асоцира на искористување на жените како предмет за гледање, ќе продолжи и понатаму, сé додека не се воспостави вистински родово еднакво општество во Република Македонија.

Секоја од жените-хероини носеа креации од брендот АлШар од Силвија Михајловска. 

Фондација Фридрих Еберт Скопје

Бул. 8-ми септември 2/2-5
(Зградата на Гранд Плаза), 
1000 Скопје, 
Северна Македонија

+389 2 3093-181 / -182
contact(at)fes-skopje.org