26.05.2025

Завршен настан на активноста “Уметноста има став”

Изминатиот викенд, во хотел Дрим во Струга, се одржа финалниот настан на програмата „Уметноста има став“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт – Канцеларија Скопје, во соработка со Центарот за едукација и уметност „Хана“.

Настанот собра околу 80 средношколци од различни градови во државата, кои преку музика, литература, политика, илустрација и графити го изразија својот став за различни општествени теми.

Под менторство на еминентни професионалци – проф. Емилија Ристановска, проф. д-р Ненад Марковиќ, актерот Никола Ристановски, музичарката Сара Ташкоска, поетот Дарко Лешоски, илустраторката Калиопи Трпчева и графити-уметникот Драган Китановски – младите три дена развиваа свои креативни дела, кои ги презентираа на завршниот настан.

Публиката имаше можност да присуствува на музички перформанси, поезија, политички говори, изложба на графити и илустрации. Сите дела од изложбата беа понудени на продажба, а собраните средства ќе бидат донирани за настраданите во Кочани, демонстрирајќи дека уметноста не само што има став, туку и срце.

Преку програмата „Уметноста има став“, младите не само што стекнаа вештини, туку и простор да се изразат, да се слушнат и да остават трага. Гласот на младите има вредност, а креативноста е моќно средство за влијание и промена.

Уметноста има став – и тие тоа го покажаа!

Фондација Фридрих Еберт Скопје

Бул. 8-ми септември 2/2-5
(Зградата на Гранд Плаза), 
1000 Скопје, 
Северна Македонија

+389 2 3093-181 / -182
skopje(at)fes.de